Амбасада на Република Северна Македонија во Чешка

Најнови вести

Средба на ДСЕК Филип Тосевски со Заменикот-министер за надворешни работи на Република Чешка, Мартин Дворжак

Државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Филип Тосевски, оствари средба со заменикот-министер во чешкото МНР, Мартин Дворжак. На средбата беше искажано задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете земји изминатите три децении, со нагласок на заемните заложби за натамошно зајакнување на економската и секторската соработка. Интензивниот политички дијалог и динамиката на средби и посети се највпечатлив показател за цврстите меѓусебни врски, констатираа соговорниците. Реафирмирајќи го принципиелниот пристап на официјална Прага кон процесот на проширување на ЕУ, како и поддршката за Северна Македонија на тој пат, Дворжак посочи дека е неопходно дијалогот со Бугарија да продолжи и покрај бројните предизвици. Во ова насока се осврна на позитивните ефекти од примената на разни проекти поттикнати од Чешката страна, со крајна цел продлабочување на прекуграничната соработка и дијалогот на разни нивоа, со вклученост на сите општествени чинители од двете страни. Упати честитки за нашето претседавање со ОБСЕ во исклучително сложен период, високо оценувајќи го досегашниот ангажман.  Дефинирајќи ги меѓусебните релации како традиционално блиски и партнерски, Државниот секретар Тосевски ја поздрави принципиелната поддршка од Република Чешка за нашиот евро-интегративен  процес. Порачувајќи дека Северна Македонија останува посветена на реформските процеси и на градењето добрососедски односи, изрази задоволство од фактот дека токму за време на чешкото претседателство се одржа првата меѓувладина конференција со ЕУ. ДСек Тосевски исто така, високо ги оцени заложбите на Чешка, и нејзината проактивна улога во насока на продлабочување, унапредување и градење на добрососедски односи помеѓу Р.Северна Македонија и Р.Бугарија.  На средбата беа опфатени и перспективите на економските односи меѓу двете земји, како и можностите за продлабочување на секторската соработка во области од заеднички интерес.    

                                 Скопје,  01 март, 2023 година

Министерот Османи ја претстави МКартата, наменета за наши истакнати личности во странство

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес на конференција за новинари го претстави проектот МКАРТА, наменета за поединци со потекло од Република Северна Македонија, како симболично признание за нивниот несебичен ангажман во насока на промоција на државата надвор од нејзините граници. МКартата претставува признание и потврда за истакнати личности или поединци од земјата кои живеат во странство, а кои со својата работа и професионалност покажале истакнат успех, а со тоа и вистинска промоција на Северна Македонија во странство, нагласи Османи. „Како нивна родна земја сакаме да им изразиме благодарност, би рекол на симболичен начин - да им вратиме, да им ја компензираме нивната улога на промотори на земјава, преставувајќи не како земја од која доаѓаат успешни и квалитетни луѓе“,  додаде тој. „Во еден подолг минат период, голем број луѓе не само што ја имаат напуштено земјата, туку и имаат остварен посебен истакната професионален и општествен успех таму каде што се наоѓаат. Тоа се успешни доктори, научници, бизнисмени, културни работници итн., кои сакаме да ги привлечеме кон земјава, да им ја зајакнеме врската и да создадеме потенцијал за нивно поблиско вклучување во нашите општествени текови„, истакна Османи. Идејата е таквите поединци да бидат дел од една поширока мрежа која подлабоко би била вклучена во општествените текови во државата. Целиот процес поврзан со МКартата ќе го координира Министерството за надворешни работи. Со картата ќе се добијат и одредени бенефиции, како слободен влез на културни настани, музеи и галерии, би се добило предност при аплицирање за проекти во рамките на програмите за соработка на Министерството за надворешни работи со поединци и здруженија надвор од Северна Македонија, олеснето регулирање на престој во државата и поддршка во случај на нови бизниси кои се ствараат и слично. Во соработка со други Владини ресори, се работи на проширување на листата на погодности. Планирано е детектирањето на таквите личности да го започнат дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија во странство, а доделувањето ќе се реализира во строго предвидена процедура водена во рамките на Министерството за надворешни работи.

Со меѓународен панел „Патот до Преспа форум за дијалог“ најавена големата меѓународна конференција во Охрид

Во клубот на пратениците во Скопје, денеска се одржа меѓународниот панел „Патот до Преспа Форум за Дијалог“, како воведен настан за претстојниот меѓу „Преспа Форум Дијалог“ кој ќе се одржи на 1-2 јули, о.г. во Охрид и Отешево. Домаќин на панелот беше Министерот за надворешни работи, Бујар Османи кој во оваа прилика ја образложи целта и го презентираше концептот и основната идеја за Преспанскиот форум за дијалог. „Во основата на Преспа Форумот за Дијалог се наоѓа есенцијата на трите Договори по кои Северна Македонија се препознава како уникатен пример во поширокиот регион. Тоа се Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателството со Бугарија, како и Договорот за стратешко партнерство со Грција, познат како Преспанскиот договор. Во нив се препознаваат силни политички принципи и вредности кои имаат универзално значење: пред сѐ храбрите политички чекори во изградба на долгорочни и стабилни компромиси; суштинска примена на инклузивноста во надминување на разликите помеѓу различните групи; меѓусебното почитување, политичкото и дипломатско трпение, и пред сѐ позитивниот пристап во изградбата на пријателствата меѓу соседите во најшироката смисла на зборот.“ истакна Османи. Учесниците изразија поддршка и ја потенцираа важноста на иницијативата за формирање на Форумот. Со своите плодни дискусии тие дадоа нови идеи и предлози кои ќе бидат преставени во заеднички Регионален политички документ, со препораки за политиките во однос на политичкото, економско и социјално влијание на регионалните и билатерални спогодби во Западниот Балкан на претстојната Конференција на Преспанскиот форум за дијалог. На настанот, покрај домаќинот – министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваа и Флоријан Бибер, професор по историја и политика на ЈИЕ на Универзитетот во Грац, Јанис Армаколас од ЕЛИАМЕП, Весела Чернева, Заменик директор на ЕЦФР и раководител на канцеларијата на Европскиот совет за надворешни односи во Софија, Едвард Џозеф, професор на Универзитетот Џон Хопкинс од САД, Гералд Кнаус, Европска иницијатива за стабилност од Берлин, Дамир Марушиќ, Атлантски Совет, Иван Крастев, Центар за либерални стратегии од Софија, Велешка Еш, Апен Институт, Германија, Ерван Фуере, Центар за европски политики. Исто, така, беа присутни бројни претставници на државните институции, странските амбасади во земјата и претставниците на невладиниот сектор во државата. Преспа форум дијалогот преставува државен проект во организација на Министерството за надворешни работи, а под покровителство на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија. Станува збор за Конференција од меѓународен карактер, со импресивна листа на поканети гости, од кои голем број веќе го потврдија своето присуство, при што се очекуваат да дојдат премиери, министри од регионот и земји-членки на ЕУ, високи претставници на ЕУ и САД, но и претставници од останатите меѓународни организации.

Туристички дестинации

Кањон Матка, Скопје

Крушево

Широк Сокак, Битола