Амбасада на Република Северна Македонија во Чешка

Најнови вести

Министерот Османи ја претстави МКартата, наменета за наши истакнати личности во странство

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес на конференција за новинари го претстави проектот МКАРТА, наменета за поединци со потекло од Република Северна Македонија, како симболично признание за нивниот несебичен ангажман во насока на промоција на државата надвор од нејзините граници. МКартата претставува признание и потврда за истакнати личности или поединци од земјата кои живеат во странство, а кои со својата работа и професионалност покажале истакнат успех, а со тоа и вистинска промоција на Северна Македонија во странство, нагласи Османи. „Како нивна родна земја сакаме да им изразиме благодарност, би рекол на симболичен начин - да им вратиме, да им ја компензираме нивната улога на промотори на земјава, преставувајќи не како земја од која доаѓаат успешни и квалитетни луѓе“,  додаде тој. „Во еден подолг минат период, голем број луѓе не само што ја имаат напуштено земјата, туку и имаат остварен посебен истакната професионален и општествен успех таму каде што се наоѓаат. Тоа се успешни доктори, научници, бизнисмени, културни работници итн., кои сакаме да ги привлечеме кон земјава, да им ја зајакнеме врската и да создадеме потенцијал за нивно поблиско вклучување во нашите општествени текови„, истакна Османи. Идејата е таквите поединци да бидат дел од една поширока мрежа која подлабоко би била вклучена во општествените текови во државата. Целиот процес поврзан со МКартата ќе го координира Министерството за надворешни работи. Со картата ќе се добијат и одредени бенефиции, како слободен влез на културни настани, музеи и галерии, би се добило предност при аплицирање за проекти во рамките на програмите за соработка на Министерството за надворешни работи со поединци и здруженија надвор од Северна Македонија, олеснето регулирање на престој во државата и поддршка во случај на нови бизниси кои се ствараат и слично. Во соработка со други Владини ресори, се работи на проширување на листата на погодности. Планирано е детектирањето на таквите личности да го започнат дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија во странство, а доделувањето ќе се реализира во строго предвидена процедура водена во рамките на Министерството за надворешни работи.

Со меѓународен панел „Патот до Преспа форум за дијалог“ најавена големата меѓународна конференција во Охрид

Во клубот на пратениците во Скопје, денеска се одржа меѓународниот панел „Патот до Преспа Форум за Дијалог“, како воведен настан за претстојниот меѓу „Преспа Форум Дијалог“ кој ќе се одржи на 1-2 јули, о.г. во Охрид и Отешево. Домаќин на панелот беше Министерот за надворешни работи, Бујар Османи кој во оваа прилика ја образложи целта и го презентираше концептот и основната идеја за Преспанскиот форум за дијалог. „Во основата на Преспа Форумот за Дијалог се наоѓа есенцијата на трите Договори по кои Северна Македонија се препознава како уникатен пример во поширокиот регион. Тоа се Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателството со Бугарија, како и Договорот за стратешко партнерство со Грција, познат како Преспанскиот договор. Во нив се препознаваат силни политички принципи и вредности кои имаат универзално значење: пред сѐ храбрите политички чекори во изградба на долгорочни и стабилни компромиси; суштинска примена на инклузивноста во надминување на разликите помеѓу различните групи; меѓусебното почитување, политичкото и дипломатско трпение, и пред сѐ позитивниот пристап во изградбата на пријателствата меѓу соседите во најшироката смисла на зборот.“ истакна Османи. Учесниците изразија поддршка и ја потенцираа важноста на иницијативата за формирање на Форумот. Со своите плодни дискусии тие дадоа нови идеи и предлози кои ќе бидат преставени во заеднички Регионален политички документ, со препораки за политиките во однос на политичкото, економско и социјално влијание на регионалните и билатерални спогодби во Западниот Балкан на претстојната Конференција на Преспанскиот форум за дијалог. На настанот, покрај домаќинот – министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваа и Флоријан Бибер, професор по историја и политика на ЈИЕ на Универзитетот во Грац, Јанис Армаколас од ЕЛИАМЕП, Весела Чернева, Заменик директор на ЕЦФР и раководител на канцеларијата на Европскиот совет за надворешни односи во Софија, Едвард Џозеф, професор на Универзитетот Џон Хопкинс од САД, Гералд Кнаус, Европска иницијатива за стабилност од Берлин, Дамир Марушиќ, Атлантски Совет, Иван Крастев, Центар за либерални стратегии од Софија, Велешка Еш, Апен Институт, Германија, Ерван Фуере, Центар за европски политики. Исто, така, беа присутни бројни претставници на државните институции, странските амбасади во земјата и претставниците на невладиниот сектор во државата. Преспа форум дијалогот преставува државен проект во организација на Министерството за надворешни работи, а под покровителство на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија. Станува збор за Конференција од меѓународен карактер, со импресивна листа на поканети гости, од кои голем број веќе го потврдија своето присуство, при што се очекуваат да дојдат премиери, министри од регионот и земји-членки на ЕУ, високи претставници на ЕУ и САД, но и претставници од останатите меѓународни организации.

Османи доби силна поддршка од Шаленберг, Логар и Кулханек

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска им беше биде домаќин на министрите за надворешни работи на Австрија – Александер Шаленберг, Словенија – Анже Логар и на Чешка – Јакуб Кулханек, кои претстојуваат во еднодневна работна посета на Република Северна Македонија. Тема на разговорите беа тековните теми со ЕУ предзнак: европското досие на земјава, реформските процеси, добрососедските односи, а една од централните теми беше и можностите за напредок во европските интеграции на претстојните летни Совети на ЕУ. Во оваа прилика, Османи изрази благодарност за гласната поддршка и континуираниот ангажман на Австрија, Словенија и Чешка за досегашниот успех на европскиот пат на Република Северна Македонија, а особено беше истакната благодарноста до Европската унија, за обезбедените вакцини за граѓаните на целиот Западен Балкан. „Нивната поддршка е навистина цврста, конзистентна и долгорочна. Ние денес не го усогласуваме нивниот став за нашите европски интеграции - тој е одамна познат; јас денес побарав, и добив силни пораки на согласност од колегите, дека оваа нивна енергичност, овој напор и гласност во рамките на Унијата ќе продолжи. Во овој условно асиметричен спор со кој се соочуваме, нам ни се потребни пријателите за да ни овозможат фер платформа, да ни овозможат фер политички простор за да можеме преку дијалог да ги отстраниме пречките за продолжување на нашите европски интеграции“, истакна Османи. Министрите за надворешни работи се во посета на земјава, во својство на претставници на неформалната групата земји членки на ЕУ „Ц5“, во која покрај Австрија, Словенија и Чешка, членуваат и Словачка и Унгарија, чии претставници веќе беа во посета на земјава. Овие земји претставуваат непосредно соседство на Западниот Балкан. Покрај принципиелната поддршка во чија основа се нашите заслуги, тие имаат и силно изразен интерес за напредок на целиот регион, имаат широки и длабоки познавања за состојбите во нивното непосредно соседство, што ги прави силни политички авторитети во рамките на Унијата кога на маса се прашањата за нашиот регион. „Би сакал да верувам дека ова лето носи повеќе од убаво време; нашите надежи се да имаме и поубава и попозитивна политичка клима. Летните самити на ЕУ се прозорец на можности што треба да го искористиме со сета своја политичка волја и напори; влогот е преголем, а ние сме премногу близу за да ја испуштиме можноста. Вашето присуство во земјата е навремено, точно на 30 дена пред јунските состаноци на ЕУ, на кој очекуваме дека ќе имплементира одлуката од март, минатата година, за формален старт на преговорите“, нагласи Османи.

Туристички дестинации

Манастир Јован Бигорски

Шарена Џамија, Тетово

Залив на Коските, Охрид